fbpx

Одиме на годишен одмор – А каде одат нашите миленици

Одиме на годишен одмор – А каде одат нашите миленици

Летото е сезоната која што сите со нетрпение ја очекуваат. Долги денови, уште потопли ноќи, пауза од училиште за најмладите, едноставно, многу услови се исполнети за поврзување со најблиските, забавување на темпото и секако, одење на одмор. Некои избираат плажа, други планина и природа, трети некоја далечна егзотична дестинација. Но, оние кои се сопственици на миленици, освен пакување на торби и резервирање на билети, потребно е да смислат што ќе прави и нивниот миленик. Повеќе опции се во игра за оваа одлука, па затоа во текстот подолу ќе ги наброиме и опишеме за сите оние што се уште мислат што да направат.

Една од опциите е да го земете миленикот на одмор со Вас. Секако, за да го направите ова, мора најпрво да извадите пасош за миленикот и документација дека ги има примено сите потребни вакцини доколку патувате надвор од државата . Второ, потребно е да проверите дали е дозволено присуство и престој на миленици на локацијата каде што одите. Денес, се повеќе и повеќе ресорти дозволуваат престој на миленици, па дури имаат и реквизити кои им го прават престојот полесен и попријатен. Овде мислиме на садови за вода на повеќе различни места, креветчиња во собите, паркови за шетање и трчање, па дури и мени за миленици. Но, тоа е откако ќе стигнете на посакуваната дестинација, а патувањето до таму е во најголем дел Ваша режија. Па така, доколку патувате со авион, потребно е да знаете дека тоа може да биде стресно искуство и за мачките и за кучињата. Патувањето со автомобил нуди многу поголема слобода, па може да застанете за пауза и за Вас и за Вашиот миленик доколку е потребно, па така, дури и да се појави анксиозност во текот на долгите часови патување, можете да ја неутрализирате ситуацијата. Како и да е, дефинитивно на повидок ви е незаборавно искуство и авантура, бидејки миленикот повеќе од се сака да биде со своето семејство и ќе го покаже својот весел дух на многу наврати додека ја истражувате Вашата дестинација за одмор.

Но, не секогаш ќе има можност да дојде миленикот заедно со Нас, па затоа ќе мора да се размислува на друга опција, како на пример да се остави во некој од хостелите за миленици кои ги има се повеќе и повеќе во нашите градови. Еден добар хостел за миленици, освен што ќе овозможи храна, вода и преноќевалиште за Вашиот миленик, ќе овозможи и забава, активност и социјализација со други крзнени пријатели во текот на целиот ден. Некои од хостелите дури имаат и 24h мониторинг со камери, при што колку толку, ќе можете да го следите Вашиот миленик во тие денови додека сте одвоени.

Но, некогаш од оправдани причини и хостелите може да ни бидат недостапна опција, па миленикот мора да остане дома. Во тој случај бидете сигурни дека ќе има некој кој ќе може да биде со него, роднина, пријател или комшија. Отсуството на друго живо суштество може многу негативно да влијае на нивното расположение, па затоа никогаш не ги оставајте сами. Мачките и кучињата исто како и луѓето се друштвени суштества и повеќе од се сакаат да го поминуваат денот покрај некого и со некого. Користете ја секоја прилика за телефонски или видео повик према оној кој ќе ги чува, за да Ви го слушнат гласот, да знаат дека сте тука некаде и дека не сте ги заборавиле, за кога ќе се вратите да Ве пречекаат со радосни опашки, мјаукања, предења и весели лаежи.

Сподели го овој пост