fbpx

Летото пристигна – Како се хидрираат мачките и кучињата во жешките денови

Летото пристигна – Како се хидрираат мачките и кучињата во жешките денови

Преку лето кучињата можат да покажат промени во количината на храна што ја внесуваат и количината на вода што ја пијат, споредено со останатиот дел од годината. Високите температури го зголемуваат ризикот од дехидратација, па типично е да сакаат да пијат повеќе вода. Затоа е многу битно сопствениците да им побезбедат свежа вода за пиење, па дури и да ја разладат со неколку коцки лед. Исто така, многу корисно е да се додаде и мокра храна во оброците со што дополнително би се зголемил внесот на течности. Апетитот може да им се намали, посебно во најжешките делови од денот, па затоа добро е оброците да се прилагодат, дури и да се поделат на повеќе помали од вообичаено.

Расата и големината на кучето може да влијаат на овие работи. Поголемите раси на кучиња како што се овчарите, птичарите и загарите на пример, потешко се ослободуваат од топлината и за нив справувањето со жешките денови е потешко, па затоа соодветната хидрација преку лето е многу битна. Помалите раси генерално имаат побрз метаболизам, па справувањето со високите температури кај нив е многу полесно. Кратконосните раси како Булдог или Мопс се посебно ранливи на високите температури, па за нив зголемена хидратација преку лето е и тоа како потребна за да може да го задржат истото ниво на активност.

Не помалку важна е и соодветна сенка или ладна просторија во која ќе може да престојуваат. Прошетки преку ден кога е многу жешко исто така не се препорачливи и треба да се избегнуваат.

И мачките исто како и кучињата, имаат потреба од поголема хидрација преку лето. Иако мачките генерално гледано не пијат многу вода, корисно е да се стимулираат да го зголемат внесот на течности. Тоа може да се направи преку поставување на повеќе садови за вода на повеќе различни места, поставување на фонтана за вода или пак воведување на мокра храна во нивниот режим на исхрана. Со  ова ќе се обезбеди соодветна хидрација која е и тоа како корисна, посебно за правилно функционирање на бубрезите, пред се кај старите мачки.

Внесот на храна, слично како кај кучињата подобро е да биде наутро и навечер, односно, во поладните делови од денот.

По основ на расите, оние со долго влакно како Персиските, МеинКун мачките и сл., се многу повеќе склони кон прегревање, па затоа може да се забележи почесто да го лижат своето крзно, што го прави зголемениот внес на вода уште побитен. Расите со кратко влакно пак, поради малото крзно се многу поосетливи на сончевите зраци, па затоа за нив е битно да се обезбеди да бидат повеќе време внатре, во затемнети и разладени простории. Дебелите и Старите мачки исто така мора да бидат внимателно негувани бидејќи жешките температури може да им предизвикаат стрес.

Се на се, дебела сенка, разладена просторија и поголем внес на течности се клучни и за мачките и за кучињата, за да можат полесно да ги пребродат жешките денови во текот на летото.

Сподели го овој пост